Top Sport

МЗТ имаше сили за едно израмнето полувреме со Звезда

МЗТ Скопје Аеродром и покрај одличната поддршка на трибините на СЦ „Јане Сандански“ го доживеа 12-тиот пораз во 14. коло на регионалната АБА-лига, успевајќи да ги задржат огромните фаворити Црвена звезда само во првото полувреме, пред да бидат поразени со 57:80 (15:17, 18:19, 8:27, 16:17).

Иако гостите од Белград, каде што Душко Ивановиќ е нов тренер, повеќепати имаа двоцифрено водство во првата четвртина, „металците“ покажаа одлична игра во одбраната и останаа во игра со само три поени негатива по првото полувреме (33:36). Звезда, за разлика од мечевите од Евролигата, во АБА-лигата може да смета на аргентинската ѕвезда Факундо Кампацо, кој во првото полувреме имаше 7 поени, 5 скока и 5 асистенции.

Токму Кампацо беше клучниот играч на гостите, откако со своите тројки придонесе Звезда да се „разбуди“ во третата четвртина по која имаше дваесет поени предност (61:41). По ова, МЗТ едноставно немаше начин да се врати во игра.

Кампацо заврши со 23 поени како најефикасен за Звезда, Филип Петрушев додаде 13, додека за МЗТ, Дастин Вер имаше 16 поени, а Војдан Стојановски уфрли 13 поени.

Фото: АБА лига

Scroll to Top