Почнувајќи од следната сезона, возачите на Формула 1 нема да смеат да даваат политички, верски и приватни изјави без претходна согласност на Меѓународната автомобилска федерација, најави претседателот на ова тело, Мохамед Бен Сулејем.
„Оние кои даваат политички, верски и приватни изјави без одобрение на првиот човек на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) ќе бидат санкционирани“, изјави Бен Сулајем по измените на Меѓународниот спортски кодекс.
На возачите ќе им треба писмена дозвола од раководното тело за да даваат политички, верски и приватни изјави.
„Загрижени сме. Можете да го користите спортот за мирни цели, но не сакаме ФИА да служи како платформа за приватни агенди. Ќе се оддалечиме од спортот. Што прават возачите најдобро? Тие знаат да возат. Тие се толку добри во тоа, создаваат спектакл, тие се ѕвезди“, изјави Бен Сулајем.
„Ако имам свое приватно мислење, тоа не значи дека ќе ја искористам ФИА за да го изразам. Верувам дека ФИА треба да биде неутрална. Ни требаат суперѕвезди за да го играме овој спорт. Ако има нешто, побарајте дозвола. Ако направите некоја грешка, тоа е исто како да брзате низ боксот. Ако го направите тоа, многу е јасно што следува“.
Шампионите Луис Хамилтон и Себастијан Фетел, кој се пензионира минатата година, беа меѓу возачите кои даваа политички изјави во претходните сезони.
Хамилтон се залагаше за човекови права и расна еднаквост, а исто така се занимаваше и со правата на ЛГБТ заедницата во конзервативните тркачки земји како Саудиска Арабија и Катар.