МЗТ Скопје Аеродром го одигра можеби најдобриот меч оваа сезона во АБА-лигата, но на крајот сепак, мораше да се задоволи со 86:90 (10:20, 22:22, 16:23, 38:25) пораз од Будуќност во 16. коло пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“.
По лошата прва четвртина, во која нападот на „металците“ не функционираше најдобро, тие беа израмнети со црногорскиот тим, за во последната четврина да надополнат 17 поени разлика и да дојдат до драматична завршница, во која Будуќност успеа да извлече победа.
Војдан Стојановски го заврши мечот со 20 поени, Абдул Малик Абу заврши со 19, а Дастин Вер имаше 16 за „металците“, додека Будуќност до победата ги водеа Треј Бел-Хејнс со 22 поени и Ерик Грин со 18 поени. Будуќност остануваат на четвртото место на табелата во АБА-лигата, додека МЗТ Скопје се убедливо последни и ќе бараат победи за опстанок против послаби противници.
Фото: Игор Паневски/Тоспорт.мк