Селекторот на ракометната репрезентација на Хрватска, Хрвоје Хорват, со бизарното однесување по мечот со Бахреин, го навлече гневот на јавноста. На новинарско прашање дали останува на селекторската позиција, Хорват почна чудно да се однесува. Само ја отвораше устата, но не кажа ништо и во исто време испраќаше срца во камерата.
„Никогаш не сум го доживеал ова. Можеме да зборуваме за успех, неуспех, за играчите, но ова е непочитување на сите. Селекторот да се однесува вака… Можеме да се лутиме се лутиме за она што го направи или не го направи, за измените, тактиката, но ваквото однесување е недозволиво“, изјави поранешниот капитен на трофејната генерација Петар Метличиќ.
Тој подвлече дека настапот на Хрватска на СП е неуспех.
„Кого победивме? Да не се залажуваме. Со месеци знаевме кој натпревар е најважен. Ова не е трагедија, но секако е неуспех. Нешто треба да се промени, продолжуваме да се вртиме во круг, се повторуваме се, многу играчи поминуваат низ селекции и не знам што добивме од ова првенство“.
И неговиот поранешен соиграч Горан Шпрем беше шокиран од однесувањето на тренерот.
„Не ми се допаѓа настапот на Хорват, тој е бизарен. Цвеба, извини, но ова е неприфатливо. Не знам што беше ова. Тој е селектор на хрватската репрезентација и тоа беше прашање на кое требаше да одговори. Било што. Ова можеби е смешно за некого, но беше дрско и безобразно“, вели Шпрем.
Слична беше реакцијата на поранешниот олимписки и светски шампион Божидар Јовиќ.
„Останав без зборови. Она што го направи Хорват е срамно. Срам за селекторот кој треба да ја претставува Хрватска во светот. Замислете вакво нешто во Брисел да направи премиерот или некој од хрватските министри. Тоа би бил скандал од светски размери. Не знам што да кажам, освен што се срамам во негово име. Срам да му е. Треба да се срамат и сите оние што поставија таков лик за тренер. Ова беше бесрамно непочитување кон новинарите, јавноста и самиот ракомет. Не мора да одговараш, можеш да кажеш дека немаш коментар, но вака нешто… Невиден срам. Можам само да кажам дека репрезентацијата играше исто како што се однесува нејзиниот селектор, срамно“, изјави Јовиќ.
Се чини дека со овој скандал Хорват го заврши селекторскиот мандат на клупата на Хрватска…