Раководството на РК Пролет преку соопштение јавно им се заблагодари на тројцата ракометари, Иван Џонов, Михаил Аларов и Томи Јагуриновски, кои ги сменија клупските бои, а во иднина ќе бидат дел од РК Алкалоид и РК Вардар.
Од клубот најавија дека заминувањето на овие играчи не значи криза, туку продолжување на зацртаните цели и политики, развој на млади ракометари, а со тоа и вложување во македонскиот ракомет.
„Ракометниот клуб Тинекс Пролет официјално го потврдува заминувањето на тројцата македонски репрезентативци, Михаил Аларов и Томи Јагуриновски ја продолжуваат кариерата во дресот на Вардар, додека Иван Џонов од февруари го облекува дресот на РК Алкалоид. Станува збор за клубови кои го препознаа квалитетот на нашите ракометари и покажаа согласност да исплатат соодветна отштета за нивните трансфери уште во текот на зимава, потег што е за поздравување и што треба да биде тренд во мак-ракометот и во иднина.
Џонов и Аларов се ракометари кои се производ на ракометната школа на РК Тинекс Пролет, кои преку добрите игри за нашиот клуб стигнаа и до репрезентативниот дрес, додека Јагуриновски пристигна од Исланд, се наметна како еден од лидерите на тимот и беше меѓу најзаслужните за освоеното второ место во групната фаза од Супер-лигата.
Сакаме да ставиме до знаење дека заминувањето на тројца првотимци не значи и „пропаст“ за клубот, кој останува цврсто на своите зацртани цели и клупски политики – секогаш шанса да добиваат домашните играчи, а предност да имаат оние кои се производ на младинската школа на нашата екипа. Во тој правец, потпишани беа нови договори со Тотиќ, Димковски и со Стојановски, ракометари кои веќе остварија одлични резултати со кадетската репрезентација на Македонија и очекуваме во ист стил да продолжат и на клупски план, во дресот на Тинекс Пролет.
Сведоци сме дека ова е период во кој е многу полесно да купиш „половен“ готов продукт од странство отколку да произведеш нешто свое, но Тинекс Пролет секогаш бил и ќе биде доследен на тоа – македонските играчи да бидат приоритет во македонскиот шампионат, како единствен начин за уште поголем развој на ракометот во нашата земја.
Клубот е исклучително стабилен на финансиски план и подготвен за предизвиците што му претстојат, со подмладен состав што подобро да се претстави во претстојниот плејоф, а потоа од новата сезона да атакува на висок пласман.
На Иван Џонов, Михаил Аларов и на Томи Јагуриновски им посакуваме многу среќа и успех во ангажманот во новите клубови, воедно и им изразуваме благодарност за сето она што го сторија носејќи го дресот на Тинекс Пролет“, се вели во соопштението на Пролет.