Премиерлигашките клубови, предводени од ривалите од големата шестка на англискиот фудбал (Манчестер јунајтед, Ливерпул, Арсенал, Челси, Тотенхем), сметаат дека Манчестер сити треба да бидат строго казнети ако се докаже нивната вина за прекршување на финансиските правила, односно да бидат исфрлени од лигата, но не се за одземање на титулите, бидејќи тоа би било „бесцелно“, тврдат британските медиуми.
Актуелните англиски шампиони од вчера по четиригодишна истрага се обвинети дека направиле над 100 прекршувања на финансиските правила на Премиерлигата, криејќи го изворот на парите во клубот, декларирајќи само дел од платите на играчите и на тренерите и намерно попречување на истрагата. Случајот го покрива периодот од 2009 до 2018 година, и сега независна комисија ќе одлучи каква ќе биде казната – можна е казна со поени, исфрлање од лигата, но и поништување на нивните резултати.
„Ако овие работи се докажат, мора да има вистинска казна, а единствена која е доволно добра е тие да бидат исфрлени од лигата. Зборувме за цела деценија на криминал“, вели еден анонимен шеф на клуб за „Сан“.
Во исто време, извори од Манчестер сити, тврдат дека очекуваат Пеп Гвардиола да си замине од позицијата на менаџер на клубот пред да се дојде до конечна одлука во случајот. Каталонецот неодамна го продолжи договорот со Сити до 2025 година.