На само неколку дена пред почетокот на тренинзите пред евроквалификацискиот циклус македонската женска сениорска репрезентација се соочува со сериозни проблеми поради повредите на капитенот Јелена Антиќ и на Ана Тантуровска.
Двете кошаркарки во изминатите три дена играјќи за своите клубови заработија сериозни повреди поради што ќе мора да изостанат од теренот во наредните неколку месеци. Тантуровска заработи скршеница на две ребра во дресот на Олимпијакос Волос додека Антиќ ги скина лигаментите на коленото на евролигашки напревар играјќи за Висла Кенпак.
Националната селекција има тешка задача пред себе. На патот кон Европското првенство ривалки на кошаркарките се селекциите на Италија, Шведска и на Хрватска.
Во ноемврискиот прозорец Македонија ќе игра против Италија која на овогодишниот Евробаскет заврши, како седмопласирана и против Шведска која изостана од континенталниот собир, но во ростерот има искусни играчи.
Првиот натпреварв во овој циклус македонските кошаркарки ќе го одиграат на домашен терен против силната Италија. Натпреварот ќе се одигра на 11 ноември со почеток во 17:00 часот во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“. Вратите ќе бидат отворени за сите љубители на кошарката кои сакаат да ги поддржат репрезентативките.
фото/mkf.mk