Данскиот репрезентативец и еден од најдобрите светски ракометари, Микел Хансен, одлучил да земе одмор во текот на сезоната поради преголемиот стрес што го имал во изминатиот период. Со селекцијата на Данска тој ја одбрани светската круна на неодамна одржаниот Мундијал, а сега побарал одмор од Алборг, клубот каде што настапува оваа сезона.
„Ова беше хаотична година за Микел. Прво имаше сериозни здравствени проблеми пролетта во 2022, па по десет успешни години во странство се врати назад во Данска, каде цело време се наоѓа во центарот на вниманието на јавноста. Стресот што го чувствува е преголем, па заеднички, клубот и ракометарот донесовме одлука тој да земе одредено време надвор од терените, да ја добие сета потребна професионална помош за да се опорави. Молиме до јавноста да покаже разбирање за Хансен и неговото семејство да го добијат мирот што го заслужуваат во овие моменти“, се вели во соопштението на Алборг.