Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола неодамна излезе со коментар за можното одземање на трофеите кои клубот од „Етихад“ ги освои во изминатите девет години. Премиер лигата го обвини Манчестер сити за 115 прекршувања на финансискиот фер-плеј.
„Тие моменти ни припаѓаат нам. Тие апсолутно ни припаѓаат нам, без разлика на казната, тие ни припаѓаат нам. Размислете што направивме, тоа никој не може да го одземе“, рече Гвардиола, осврнувајќи се на два иконски моменти во Премиер лигата – титулата која клубот ја освои со голот на Агуеро во 93. минута, во последното коло против КПР и несреќниот пад на Стивен Џерард против Челзи кога Сити го подигна трофејот пред Ливерпул.
„Има добри и лоши моменти кои ги живееме и секако дека не можат да се променат. Голот на Серхио Агуеро… Не знам дали е наша вина што се лизна Стивен Џерард. Дали тоа беше наша грешка? Го почитувам Џерард, но тоа моментот ни припаѓа нам“.
По тие изјави, Гвардиола се најде на удар на британската јавност, па сега реши да му се извини на Џерард.
„Му се извинувам на Стивен Џерард за моите непотребни и глупави коментари за него. Тој знае колку колку го почитувам и колку се восхитувам на неговата кариера и за се она што го направи за оваа земја. Се срамам од себе, тој не го заслужува тоа”.