Top Sport

Баерн однесе победа од Париз, Милан со минимална предност против Тотенхем

Баерн Минхен го издржа силниот финиш на Пари Сен-Жермен за да го чека реваншот во осминафиналето на Лигата на шампионите на домашен терен со предност од 0:1, со голема победа на „Паркот на принцовите“. Во Италија пак, враќањето на Антонио Конте на „Сан Сиро“ не помина најдобро, откако италијанскиот шампион Милан ги победи Тотенхем со 1:0 за најава за интересен реванш во Лондон.

Баерн секогаш бил тежок противник за ПСЖ, и тоа се покажа и во Париз вечерва, откако германскиот шампион имаше повеќе од играта во поголемиот дел од мечот, додека тимот на Кристоф Галтие се „разбуди“ дури кога Килијан Мбапе влезе како замена во последните дваесетина минути.

„Џелат“ на ПСЖ пак беше нивниот поранешен играч, Кингсли Коман, кој во 53. минута по одличното нафрлање на Алфонсо Дејвис, успеа да го матира Џанлуиџи Донарума. Во последните десетина минути од мечот, домаќините имаа две одлични ситуации пред голот на Зомер. Прво Килијан Мбапе постигна гол во 82. минута од мечот, но тој беше поништен поради офсајд позиција, за потоа опасниот обид на Меси да биде изблокиран.

На „Сан Сиро“, Милан дојде до рано водство, кога Брахим Дијаз во 7. минута го совлада ветеранот на голот на Тотенхем, Фрејзер Форстер по неговите две одбрани. По ова следуваше релативно израмнет меч, во кој двата тима не успеаја да постигнат уште еден гол, за најава на интересен реванш.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, ПРВ МЕЧ
Милан – Тотенхем 1:0
Пари Сен-Жермен – Баерн Минхен 0:1

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top