Top Sport

Англиски навивач починал по жестока тепачка меѓу фанови на Блекпул и на Барнли

Маж на возраст од 55 години починал по масовна тепачка во која учествувале фудбалски навивачи пред паб во Блекпул, јавуваат британските медиуми. Во саботата, по натпреварот од Чемпионшип меѓу Блекпул и Барнли, се случила масовна тепачка меѓу навивачите на ривалските клубови.

Навивачот на Блекпул, Тони Џонсон (55) во тепачката се здобил со сериозни повреди на главата, по што бил пренесен во локалната болница. Тој починал денеска откако го помина викендот на апарати за одржување во живот, потврди Блекпул.

Полицијата приведе 33-годишен маж кој е осомничен дека тешко го повредил Џонсон.

„Блекпул е длабоко шокиран и тажен кога дозна дека нашиот симпатизер Тони Џонсон трагично го загуби животот. Клубот ќе отвори книга на жалост, давајќи им можност на приврзаниците да му оддадат почит на Тони“, соопштија од стадионот „Блумфилд Роуд“.

Полицијата отвори истрага и ги повика сведоците да соопштат што се случило.

„Инцидентот се случил во фреквентна област и знаеме дека во тоа време имало многу луѓе кои го виделе целиот настан или дел од тоа што се случило“, соопшти полицијата.

Се огласи и Барнли.

„Фудбалскиот клуб Барнли е шокиран и тажен од веста за смртта на поддржувач на Блекпул. Ги споделуваме нашите мисли и сочувство со неговото семејство, пријателите и сите во Блекпул“, истакнаа од Барнли.

Средбата помеѓу Блекпул и Барнли заврши без голови. Барнли води на табелата и е најголем кандидат за Премиер лигата, додека Блекпул е во зоната за испаѓање.

Scroll to Top