Top Sport

Конте посакува добра атмосфера и победа против Милан

Тотенхем, утре ќе го пречека Милан во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите. Тимот од Италија го доби првиот натпревар со минимален резултат.

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте изјави дека неговиот тим го очекува голем натпревар против Милан и дека се надева на одлична атмосфера на стадионот во Лондон.

„Сега се вратив и среќен сум. Не очекува голем натпревар, сакаме да одиме во следната фаза. Се надевам дека ќе ја почувствувам неверојатната атмосфера на стадионот“, изјави Конте на прес-конференцијата.

Конте се враќа на клупата на англискиот клуб по операцијата на жолчката.

„Сосема е различно кога можеш да бидеш на клупата. Му благодарам на стручниот штаб бидејќи одлично ја завршија работата, знам дека на играчите не им беше лесно да бидат далеку од тренерот“, додаде италијанскиот стручњак.

Конте истакна дека живее за вакви натпревари.

„Живееме за вакви моменти затоа што кога притисокот се зголемува, тоа значи дека вашето ниво расте. Не заборавајте дека минатата сезона игравме во Конференциската лига. Оваа сезона играме во Лигата на шампионите. Ја освоивме нашата група и утре имаме можност да го победиме Милан и да одиме во следната фаза… Ако ме прашате дали сакам да ја освојам Лигата на шампионите, би рекол да, но да бидеме реални. Мора да одиме натпревар по натпревар“, заклучи Конте.

Scroll to Top