Седумкратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон вели дека неговиот тим, Мерцедес мора да ја преземе одговорноста за проблемите со новиот В14 болид, бидејќи тој им ги посочил проблемите и потребните промени, но тие не го послушале.
По освојувањето на петтото место на првата трка од новата сезона во Бахреин, тој преку радиото му порача на тимот дека им следува „сериозна работа“, а шефот на тимот, Тото Волф потврди дека првичниот концепт за болидот заминува во историјата со големи промени веќе од втората трка.
Хамилтон, кој е во Ф1 од далечната 2007 година, вели дека поради неговото искуство знае точно што му е потребно на болидот, но дека тимот не ги следел неговите насоки.
„Лани им кажав кои се проблемите со болидот. Сум возел толку болиди во животот, така што добро знам што е потребно на еден болид. Не се работи за одговорност, но мора да се признае дека не ме слушаа и дека затоа сме во оваа позиција на почетокот на сезоната. Мораме да го решиме балансот при кривините, да ги видиме сите слаби точки и да ги решиме како тим кој освои повеќе Ф1 титули“, вели Хамилтон.