Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 32:27 во четвртото коло од квалификациите за ЕП 2024 и ќе мора да бара начин за пласман на големото натпреварување преку селекциите на Луксембург и на Турција кои веќе еднаш ги победи во овој циклуц.
Македонија добро се држеше во првото полувреме, имаше и предност од 10:11 на седум минути пред одморот, но потоа влезе во нервозен финиш и на Португалците им дозволи да направат серија од пет гола, за предност од 15:11.
Мартин Томовски во тој дел од мечот собра четири одбрани, но одличен беше и Капдевиља на голот на Португалија.
Во второто полувреме македонските ракометари влегоа со многу грешки, речиси девет минути не постигнаа гол од игра, а тоа Португалците го искористија да зголемат на 19:11.
До крајот се играше растоварено, со оглед дека победникот веќе беше решен.
Најдобри стрелци кај Португалците беа Итуриза, Мартинс, Фернандеш и Гомеш со по четири постигнати гола, а голманот Капдевиља имаше 15 одбрани.
Во редовите на Македонија, Томовски имаше десет одбрани, а Филип Кузмановски постигна десет гола. Втор најдобар стрелец беше Мартин Серафимов со пет гола.