Top Sport

Барса го доби „Ел класико“ со гол во 92. минута, сега имаат +12 пред Реал!

Барселона со гол во 92. минута успеа да стигне до 2:1 победа над Реал Мадрид во уште едно „Ел класико“, за да остане огромен фаворит за титулата во шпанската Ла лига, каде што сега имаат 12 поени предност пред „кралевите“.

Почетокот на мечот не беше многу добар за тимот на Чави Ернандез, откако веќе во 9. минута, гостите стигнаа до предност, кога по одличниот пробив на Винисиус Жуниор, Роналд Араухо ја смести топката во сопствената мрежа за негатива на Каталонците.

По ова, рамнотежата во мечот беше воспоставена, за Барса да дојде до израмнувачкиот гол во 45. минута, кога по мешаницата пред голот на Тибо Куртоа, Серхи Роберто ја смести топката во мрежата. По неколку шанси на двете страни, вклучувајќи поништен гол на Марко Асенсио во 81. минута од мечот поради офсајд, во 92. минута, по една опасна ситуација пред голот на Куртоа, Алехандро Балде му асистираше на Френк Кеси, кој го постигна победничкиот гол.

Scroll to Top