Пауза во првенството поради настапот на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕВРО 2024. Фудбалскиот клуб Работнички истакна дека е горд што има претставник во А-тимот, преку голманот Игор Алексовски, а во моментот има дури 16 фудбалери од различни возрасни категории кои се дел од националните селекции на Македонија.
Во составот на Драги Канатларовски во репрезентацијата на Македонија до 21 година, Работнички е претставен од капитенот Димитар Тодоровски, Стефан Деспотовски и Матеј Ангелов.
Во моментот повикани се и поголем број фудбалери во селекциите на Македонија до 18, 17 и 16 години.
„Секако дека сме горди на оваа голема бројка репрезентативци. Работнички отсекогаш бил расадник на фудбалери кои играле во националните селекции, и сега во А-тимот има многу интернационалци кои во минатото беа дел од клубот, а наша посебна гордост е младинската академија која редовно ‘произведува’ нови репрезентативци“, изјави шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски за официјалниот сајт на клубот.