Еден од најтрофејните тренери во светот, искусниот Италијанец Карло Анчелоти, сѐ почесто се споменува како нов селектор на бразилската репрезентација.
Сепак, актуелниот тренер на европскиот шампион Реал Мадрид има поинакви планови за продолжението на кариерата. Тој има само една желба, да остане на клупата на „кралскиот клуб“ до крајот на кариерата.
„Сакам да продолжам да го тренирам Реал, среќен сум во Мадрид. Тоа веќе го кажав многу пати. Сакам да ја завршам тренерската кариера во Реал“, изјави Анчелоти за шпанска „Марка“.
Така, четирикратниот освојувач на Лигата на шампионите ги демантираше гласините дека на крајот на сезоната ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“ и ќе го преземе Бразил.
Истовремено, тоа значи дека Џулијан Нагелсман нема да го преземе Реал ниту следното лето, освен ако раководството на Реал Мадрид не му даде отказ на Анчелоти, што е тешко за верување.
Под водство на Анчелоти, Реал Мадрид оваа сезона стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, но ќе биде тешко да се одбрани титулата во Ла Лига, бидејќи моментно има 12 бода помалку од Барселона со исто толку натпревари до крајот на шампионатот.