Алжирскиот дефанзивец Жауен Хаџам беше изоставен од тимот на Нант при неделниот пораз на гости кај Ремс во Лига 1, откако тој инсистирал да не го прекрши рамазанскиот пост, вели тренерот на „канаринците“, Антоан Комбуаре.
„Жауен? Нема контроверзи. Тие кои постат, јас ги поддржувам, но кога имате меч не треба да постите. Не се работи за казна. Јас ги поставувам правилата и тоа беше негов избор и јас го респектирам“, изјави Комбуаре по 3:0 поразот.
Според француските медиуми, 20-годишниот Хаџам, кој пристигна во Нант во јануари од Париз ФЦ, се согласил да го прекрши постот само на гостинските мечеви. Нант се на 14. место во Лига 1, со само 4 поени над зоната за испаѓање.