Ливерпул успеа да го спречи Арсенал да стигне до прва победа на „Енфилд“ од 2013 година, откако Роберто Фирмино ја продолжи одличната голгетерска серија против „топчиите“ за да израмни на 2:2 во меч во кој имаше многу возбуда, контроверзи, голови и нервоза.
Ова, секако, најмногу им одговара на Манчестер сити, кои сега имаат шест поени зад Арсенал на врвот на табелата со натпревар помалку, а „топчиите“ треба да гостуваат и на „Етихад“.
Арсенал имаа шампионски старт – Габриел Мартинели во осмата минута ги замолче домашните навивачи, за во 28. минута, тој да му асистира на Габриел Жесус за 0:2 по лоша реакција на дефанзивците на „црвените“. Ливерпул, сепак, се вратија во живот и ја вратија рамнотежата кога Мо Салах во 42. минута погоди за 1:2.
Полувремето донесе нова контроверза со судиите во англискиот фудбал, откако линискиот судија Константин Хацидакис го удри со лакт Енди Робертсон, а по протестите, фудбалерот на Ливерпул уште доби жолт картон. Ливерпул „притисна“ повеќе во второто полувреме, за во 52. минута, Салах да има совршена шанса за израмнување кога беше досуден пенал, но тој беше крајно непрецизен праќајќи ја топката покрај стативата.
„Џокер“ на Јирген Клоп беше Роберто Фирмино, кој во 87. минута по одличниот потег на Трент Александер-Арнолд не згреши за 2:2. „Црвените“ имаа уште неколку опасни шанси пред голот на Ремсдејл, но на крајот остана 2:2.