Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, вели дека постојано чувствува притисок за освојување на Лигата на шампионите и не е ништо поинаку и пред утрешниот прв натпревар од четвртфиналето против Баерн Минхен.
„Навистина сакам да ја освојам Лигата на шампионите. Сакаме да се обидеме. За нас е чест што сме овде против елитен клуб каков што е Баерн Минхен. Мора да одиграме два перфектни натпревари“, изјави Пеп Гвардиола.
„Граѓаните“ подолг период се обидуваат да го освојат трофејот во ЛШ, но досега не успеаја.
„Прашањето доаѓа секоја сезона. Јас го разбирам тоа. Се обидуваме секоја сезона. Тимовите со кои се соочувате се исто така добри и тие исто така сакаат да победуваат. Сакаме да се обидеме, но тоа не значи ќе победиме“, истакна шпанскиот стратег.
Гвардиола се наврати и на поразот од актуелниот тренер на Баерн, Томас Тухел, во финалето на Лигата на шампионите во 2021 година против Челси.
„Поразите и победите ве одржуваат на исто ниво. Заборавате на ист начин. Јас не посветувам внимание на она што се случило во минатото. Тоа е дел од играта“, заврши Гвардиола.