Top Sport

МЗТ Скопје со соопштение: Нека победи кошарката во Подгорица

МЗТ Скопје Аеродром го заврши својот дел од работата околу настојувањето да остане дел од елитата во АБА, но зависи од денешниот меч меѓу Будуќност и Борац Чачак во Подгорица. Домаќинот е фаворит според квалитетот, а раководството на МЗТ се надева дека нема да има „матни игри“ надвор од теренот.

Клубот преку соопштение побара фер-плеј во последното коло од натпреварувањето.

„Управата, кошаркарите и стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром им изразуваат огромна благодарност на сите кои синоќа одвоија два ипол часа на големиот христијански празник Велики петок и дојдоа да ни дадат поддршка на патот кон неопходната победа над Цибона. Вам, ви се поклонуваме до земја. Но, благодарни сме и на сите што сакаа, а не можеа да дојдат во „Јане Сандански“ и кои испраќаа позитивни мисли и навиваа за нас од далечина.

Прекрасно беше вчера да се биде дел од спортскиот спектакл каков што одамна не е виден на кошаркарски меч во Македонија. За феноменалната атмосфера на големо се пишува и зборува на просторот од Триглав до Гевгелија. Пет илјади присутни во арената дишеа како еден и не ги штедеа гласните жици за да им помогнат на своите миленици. Нашите навивачи уште еднаш покажаа дека знаат да направат фешта, со уникатни кореографии кои веднаш беа одбележани и од самата АБА-лига. Тие докажаа дека МЗТ Скопје Аеродром, без разлика на сите други параметри, е во самиот врв на јадранската елита по бројноста и фанатичноста на своите фанови, веднаш зад Партизан и Црвена Звезда.

Синоќешната битка ја добивме, но дали ќе излеземе победници од регионалната „војна“ ќе дознаеме денеска. Свесни сме дека и самите грешевме сезонава, имавме пропусти и лошо одиграни средби, но факт е и дека на многу пресметки немавме спортска среќа. Колку ли само наши мечеви беа решени на една топка, на колку ли натпревари речиси ја имавме победата в раце пред таа да ни излизга од нив. Барем еден од тие да завршеше во наша корист, сега веќе ќе славевме опстанок.

Вака, нашата судбина е во рацете на Будуќност. Нашето срце е спортско и во него нема простор за никаков сомнеж. Уверени сме дека кошаркарите од Подгорица ќе дадат сѐ од себе за да победат на вечерашната пресметка, со цел да покажат дека ферплејот е вграден во нивните гени, како што чистиот образ и честа се и тоа како врежани во ДНК-то на секој Црногорец. На МЗТ Скопје Аеродром му е неопходна АБА, но истовремено и на АБА и е потребен клуб како МЗТ Скопје Аеродром – организиран, стабилен, со прекрасна арена и услови за кои повеќе од половина учесници може само да сонуваат. Исто како што ѝ треба и Македонија како држава.

Затоа, вечерва нека победи кошарката во Подгорица! Нека победи подобриот на паркетот, а не надвор од него“, се вели во соопштението на македонскиот кошаркарски првак.

Scroll to Top