Top Sport

По повеќе од две години, продолжи судењето на браќата Мамиќ

По повеќе од две години, денеска во судот во Осиек со препрочитување на обвинението продолжи судењето на Здравко и Зоран Мамиќ и уште петмина обвинети дека го оштетиле фудбалскиот клуб Динамо Загреб за околу 200 милиони куни со подигање пари како дел од злосторничко здружување.

На Здравко и Зоран Мамиќ, кои се во бегство во Босна и Херцеговина, им се суди во отсуство.

Во вториот судски процес за извлекување пари од Динамо Загреб, кој започна во Судот во Осиек на почетокот на март 2021 година, досега е одржано само едно главно рочиште, на кое на обвинетите им беше прочитан обвинителниот акт, по што следуваше долга пауза поради бегството на Зоран Мамиќ во Босна и Херцеговина и процедурите за барање екстрадиција, што властите на БиХ на крајот го одбија.

Последните неколку рочишта во февруари, март и април годинава беа одложени поради барањето на одбраната предметот да се префрли на Жупанискиот суд во Загреб.

Покрај Здравко и Зоран Мамиќ, во обвинението се и синот на Здравко, Марио Мамиќ, поранешниот директор на Динамо Дамир Врбановиќ, претприемачите Сандро Стипанчиќ и Игор Крота и менаџерот Ники Артур Вуксан.

Во обвинението од речиси 700 страници, УСКОК го обвинува Здравко Мамиќ дека од декември 2004 до декември 2015 година ги организирал другите обвинети во злосторничко здружување и дека со склучување фиктивни договори меѓу Динамо и неколку странски компании од Велика Британија, Швајцарија, Обединетите Арапски Емирати, Сент Винсент и Гренадини, Белизе, Хонг Конг, Гибралтар и Соединетите Американски Држави и со издавање фактури за плаќање на непостоечки услуги за трансфери на играчи, кои Динамо ги платил, го оштетил клубот за повеќе од 144 милиони куни.

Scroll to Top