По повод 70-годишниот јубилеј на играњето тенис во Македонија, Тениската федерација на Македонија (ТФМ) од следниот месец до септември ќе организира пет силни турнири.
Со најголем награден фонд и тоа од 80.000 долари ќе биде „АТП Челинџер 75“, кој ќе се одржи од 20 до 27 мај, а на кој се очекува настап на повеќе од солидни тенисери, меѓу кои и најдобриот Македонец, Калин Ивановски. Следуваат турнирите од „ИТФ серијата“ со награден фонд од по 25.000 долари, кои од 4 до 11 јуни ќе се одиграат во машка, а во септември и во женска конкуренција.
Во јуни е планиран „Били Џин Кинг купот“ за женската национална селекција, а на 7 мај серијата ќе биде отворена со дипломатски турнир.
Турнирите се со цел популаризација на тенисот во Македонија и одбележувањето на јубилејната година и сите ќе се играат на терените на ТК „Југ“ во скопскиот Градски парк.