Одбојкарите на Струмица Никоб дојдоа до третата победа во финалната серија против ГОК Борец и ја освоија јубилејната десетта титула. Струмичани славеа со 3:0 на домашен терен и ја заокружија серијата на доминантен начин.
Во првиот сет Струмица Никоб немаше проблеми и го доби со 25:18, но Борец сериозно се закани во вториот сет. Имаше водство од 24:22 во поени, но повторно не успеа да го комплетира сетот. Искусниот Васе Михаилов влезе на теренот и помогна Струмица Никоб да освои четири поени во низа, за освојување и на вториот сет со 26:24.
Третиот сет потоа беше рутина за струмичкиот тим. Го доби со 25:19 и дојде до десеттата шампионска титула во клупската историја.