Катастрофалната форма на Челси и на нивниот менаџер Френк Лампард полека станува трагикомична, откако „сините“ беа декласирани од градскиот ривал Арсенал со 3:1, примајќи три гола во првите 30-тина минути игра на „Емирати“, за четврт пораз во низа во Премиерлигата за клубот кој потроши над 500 милиони фунти во последните два преодни рока.
Челси остануваат на 12. место на табелата со 39 поени, и сите шеги за можното испаѓање од лигата полека треба да ги загрижуваат навивачите на лондонскиот клуб, бидејќи се на 9 поени од место кое води во Чемпионшип. Од друга страна, Арсенал има неверојатни 39 поени повеќе – 78, со што се први на табелата со два поени пред Манчестер сити, но со меч повеќе од нив.
Судбината на „сините“ ја запечати капитенот на „топчиите“, Мартин Одегард, кој стрелаше во 18. и 31. минута за 2:0, за само три минути подоцна и Габриел Жесус да погоди за дел од навивачите на Челси да си заминат дома. Во второто полувреме, младиот напаѓач Нони Мадуеке го постигна првиот гол во Премиерлигата во 65. минута за да намали на 3:1, но тоа беше се што направија Челси.