Олимпијакос се приклучи на Барселона како втор учесник на Фајнал фор турнирот од Евролигата во Литванија, откако во „мајсторката“ во Пиреја, не им даде шанса на Фенербахче да се вратат во игра во текот на целиот меч за 84:72 победа.
Повторно, човек на одлука беше Костас Слукас, иако овојпат не му беше потребна луда тројка во финишот, откако постигна 10 од неговите 22 поени во последните 12 минути за да ја запечати победата. Слукас имаше осум поени во низа на крајот на третата четвртина за 65:52 водство, а потоа со слободните фрлања го зголеми водството на 78:61 на 3:29 пре крајот.
Марко Гудуриќ, кој имаше 26 поени, се обиде да ги остави Фенербахче во игра, за да намалат на 78:66, но по поените на Саша Везенков победата на грчкиот тим беше одлучена.
Последните две места на Ф4 ќе бидат пополнети по „мајсторките“ помеѓу Реал Мадрид и Партизан, односно Монако и Макаби Тел Авив.
ЕВРОЛИГА, ПЛЕЈОФ, 5.МЕЧ
(3:2) Олимпијакос – Фенербахче 84:72 (20:15, 24:18, 21:19, 19:20)