Фудбалерите на Милан вечерва од 21 часот ќе го пречекаат Интер во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.
Двата италијански тима досега двапати играа во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Во сезоната 2002/2003, „росонерите“ се пласираа во полуфиналето, како и две сезони подоцна, кога беа подобри од градските ривали во четвртфиналето.
Милан моментално е на петтата позиција на табелата во Серија А со 61 бод, додека тимот на Интер е четврти со два бода повеќе.
Сезонава Милан го совлада градскиот ривал во петтото коло од Серија А со 3:2, потоа Интер победи во Суперкупот со 3:0, а во февруари победи со 1:0 со голот на Лаутаро Мартинез.
Што се однесува до моменталната форма, Интер е во многу подобра позиција бидејќи има пет победи во низа, вклучувајќи ги и триумфите над Јувентус и Рома, додека Милан во истиот период победи само два пати и три пати ремизираше. Сепак, победата од 2:0 над Лацио во последното коло ги врати во игра за првите четири места во Серија А и им даде надеж во пресрет на овој натпревар.
Што се однесува до кадровските проблеми, Милан не го ни регистрираше Златан Ибрахимовиќ за Лигата на шампионите, а под голем знак прашалник е настапот на најдобриот играч Рафаел Леао. Португалецот одигра само 12 минути во победата над Лацио.
Од друга страна, Има проблем во одбраната. Најдобриот дефанзивец, Милан Шкринијар не е подготвен, под знак прашалник е искусниот Данило Д’Амброзио, како и крилниот бек Робин Госенс.
Реваншот меѓу Милан и Интер ќе се игра за шест дена, повторно во истиот град и на истиот стадион.