Европската фудбалска унија (УЕФА) ја казни репрезентацијата на Србија поради навредливите навивачки скандирања на натпреварот со Црна Гора во Подгорица.
Навивачите на двете репрезентации разменија етнички навреди во победата на Србија од 2.:0 (27 март) во квалификациите за ЕУРО 2024 година.
УЕФА ја казни Србија со играње на еден натпревар без присуство на публика и изрече парична казна за Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) од 50.000 евра, како и забрана за продажба на билети за следниот натпревар на гости против Бугарија (20 јуни).
Србија казната ќе ја отслужи на 7 септември кога ќе ја пречека Унгарија во групата Г од квалификациите за ЕП.
УЕФА соопшти дека за Србија е активирана условна казна поради претходните расиситички навреди на навивачите на натпревар од Лигата на нации минатата година.
Фудбалскиот сојуз на Црна Гора е казнет со 20.000 евра, кој ќе мора да затвори дел од својот стадион во Подгорица за натпреварот против Бугарија (10 септември).
По два меча Србија води во групата Г со шест бода, Унгарија е втора со три бода (еден меч), додека Црна Гора е трета со три бода по два меча.