Партизан одигра ново неверојатно полувреме во Мадрид, создавајќи предност од 16 поени, за потоа во последната четвртина, Реал Мадрид да се врати предводен од ветеранот Серхио Љуљ и да забележи неверојатна 98:94 (22:23, 17:32, 30:21, 29:18) победа во „мајсторката“ и да се пласира на Фајнал фор турнирот во Литванија.
Со ова тие се приклучуваат на Барселона, Олимпијакос и Монако во големата четворка откако ја добија најинтересната плејоф пресметка оваа сезона – губејќи ги првите два меча на домашен терен, вклучувајќи го и скандалозниот прекин во вториот натпревар и општата тепачка, пред да се врат со две победи во непријателска атмосфера во Белград, за пред домашната публика да забележат победа за сеќавање.
Тимот на Жељко Обрадовиќ, пак, кој направи сензација во сезоната во која се вратија во Евролигата, може да жали што не ги реши двете „меч-топки“ на домашен терен.
Во првото полувреме, а посебно во втората четвртина, тимот на Обрадовиќ, предводен од расположениот Кевин Пантер играше фантастично, правејќи голема предност. Меѓутоа, „кралевите“ не се откажаа, намалувајќи ја предноста од 17 поени разлика на само седум до крајот на третата четвртина, на 69:76. Во одлучувачката четвртина, Љуљ со две тројки го комплетираше пресвртот и ги донесе Реал до водство до осум поени разлика – 95:87. Партизан се врати до 97:94 во последната минута и имаше напад во кој со тројка можеше да израмни, но Џејмс Нанали не беше прецизен.