Top Sport

Поради местење Шахтјор остана без шампионската титула во Белорусија

Фудбалерите на Шахтјор од Солигорск со одлична серија на крајот од првенството во ноември минатата година ја освоија третата последователна титула на шампионот на Белорусија, четврта во клупската историја. Но, во четвртокот се појави информација според која како резултат на незаконски дејствија на овој клуб му се одземени дури 30 бодови, што значи дека на Шахтјор му е откажан статусот шампион.

Фудбалскиот сојуз на Белорусија дозна дека челниците на Шахтјор организирале местење натпревари и нуделе незаконски финансиски „стимули“ на другите тимови во лигата.

Освен казната од 30 бода за претходната сезона, на тимот од Солигорск му беа одземени и 20 бода во новата сезона, во која Шахтјор по седум кола беше на првото место.

Сепак, Шахтјор не е единствениот тим обвинет за незаконски активности. Казни добија и Енергетик-БГУ од Минск и Белшин од Бобруиск.

Лига „Вичјаја“, елитното ниво на белорускиот фудбал, стана позната за време на почетокот на пандемијата на корона вирусот, бидејќи беше единствената европска лига во која се играше професионален фудбал за време на „заклучувањето“.

За Шахтјор настапуваат црногорскиот интернационалец Милош Дринчиќ, како и поранешниот фудбалер на Војводина и Партизан, Доминик Динга.

Scroll to Top