Катастрофални поплави го погодија регионот на Италија каде викендов треба да се вози Големата награда на Сан Марино. Тимовите пристигнаа на патеката во Имола на почетокот на неделата и почнаа да ја поставуваат целата опрема, но вчера добија наредба да ја напуштат во рок од 30 минути.
Причина е фактот што целиот регион на Емилија Ромања е поплавен по обилните врнежи кои се најавуваат цела седмица и во моментов е неизвесно дали трката воопшто ќе се одржи според распоредот. Пристапните патишта и теренот што се користеше за време на трката се поплавени и прашање е како речиси 150.000 навивачи би можеле да дојдат на трибините на вакво време.
Локалните власти најавија дека повеќе информации ќе бидат познати во текот на денот и дека одлуката за евентуално откажување на трката ќе биде донесена подоцна.