Македонскиот второлигаш Пелистер се раздели со досегашниот тренер Бобан Бабунски. Неговиот договор истекуваше по завршувањето на сезоната и нема да биде продолжен.
Пелистер не ја исполни целта за експресно враќање во елитата, откако ја заврши сезоната во Втората лига на четвртата позиција и следната сезона повторно ќе се натпреварува во истата конкуренција.
„ФК Пелистер ја известува јавноста дека со завршувањето на Втората фудбалска лига официјално заврши договорот на шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски. Со оглед на неисполнувањето на целта, промоција во Првата лига, патиштата на клубот и Бабунски се разидуваат.
ФК Пелистер му се заблагодарува на Бабунски за неговата работа, професионалност и посветеност и му посакува многу успех во понатомошната кариера.
Клубот во наредниот период ќе го објави новиот шеф на стручниот штаб за сезоната 2023/24“, соопштија од ФК Пелистер.