Во Формула 1 шампионатот, секој детаљ може да биде многу важен, и секое дизајнерско и инжинерско решение е строго чувана тајна. Како дизајнот на подот на болидите, клучен елемент во доминацијата на Ред бул последните две сезони. До вчера, кога тајните на Ред бул, но и на Мерцедес беа откриени од еден кран.
Серхио Перез се судри во првата квалификациска сесија во Монако, а бидејќи се работи за улична трка со многу малку простор, неговиот РБ19 болид беше кренат високо, што доволи фотографите детално да го анализираат подот. Слично, во саботата наутро се открија и тајните на Мерцедес по излетувањето на Луис Хамилтон во третата тренинг сесија.
По воведувањето на промените во аеродинамичките правила во 2022 година, инженерите оценуваат дека до 60 отсто од перформансите доаѓа од аеродинамиката под болидот и инжинерот на Мерцедес, Ендру Шовлин вели дека сите ќе имаат многу работа по откритието на подот на Ред бул.
„Мислам дека во Ред бул беа полути од нас од тоа што го кренаа нивниот болид. Сигурен сум дека другите тимови сега ќе ги имаат овие фотографии и ќе имаат многу работа во копирање“, вели Шовлин.
Директорот на Астон Мартин, Том Меккулох се согласува.
„Секако, ова се одлични фотографии! Експертите за аеродинамика ќе ги разгледаат детално и беше забележлива нивната возбуда. За среќа, нашиот болид уште не го кренаа“, изјави Меккулох.