Рафаел Надал застана во одбрана на неговиот омилен гренд слем, Ролан Гарос и нивната одлука да се „забранат“ целосни костуми слични на тие кои ги носеше Серена Вилијамс на овогодишниот гренд слем на земја.
Надал вели дека не се работи ниту за сексизам, ниту за расизам, туку за едноставно воведување на „код на облекување“ каков што има на пример на Вимблдон.
„Мислам дека турнирот смее да одредува што е добро за нив. Кога имате турнир како Вимблдон каде што мора да се носи бело, зошто другите гренд слем турнири да не го прават истото?“, се запраша Надал.
Самата Серена изјави дека нема проблем со забраната, односно „дрес-кодот“, а директорот на турнирот Ги Форже вели дека одлуката не се прави само поради Американката.
„На социјалните мрежи сѐ станува вест. Серена беше совршена и ги отфрли сите контроверзи. Идејата со кодот за облекување ќе биде многу поопуштена отколку на Вимблдон. Сегашните регулативи дозволуваа апсолутно сѐ и сметавме дека некои тенисери одат далеку над прифатливото. Да ја прифатиме елеганцијата без да ја нарушиме креативноста на дизајнерите“, вели Форже за „Л’Екип“.