Top Sport

Алкараз го „прегази“ Мусети, Свитолина пак ја победи Касаткина

Светскиот рекет број 1, Карлос Алкараз продолжи со својата фантастична форма, победувајќи го Италијанецот Лоренцо Мусети со 6:3/6:2/6:2 за нешто повеќе од два часа за да се пласира во четврт-финалето на Ролан Гарос.

Шпанскиот ас сега има 11 победи во низа на гренд слем турнирите, по победата на САД опен и пропуштањето на Австралија опен поради повреда, и има фантастичен скор од 34-3 во 2023 година. Тој во ниту еден момент не му даде шанса на Италијанецот да влезе во ритам, доминирајќи на свој сервис, но и на игра на противникот.

Следен за Алкараз ќе биде подобриот од мечот помеѓу петтиот носител, Гркот Стефанос Циципас и Австриецот Себастијан Офнер.

Елина Свитолина го продолжи доминацијата против деветтата носителка, Дарја Касаткина, победувајќи ја по шести пат во шест меча, овојпат со 6:4/7:6(5) за да се пласира во четврт-финалето на Ролан Гарос.

Ова е осма победа во низа за Украинката, која се врати на тенисот по паузата за да стане мајка, и доаѓа по освојувањето на титулата во Стразбур. Таа во првиот сет направи два брејка за да почне одлично, и иако Касаткина успеа да се врати со еден брејк, на крајот го загуби сетот. Во вториот сет, Свитолина не успеа да ја искористи својата брејк-шанса, за потоа во тај-брејкот да го комплетира триумфот.

Оваа победа гарантира дека Свитолина ќе се врати во топ 100 на ВТА листата од понеделник. Откако победи две Русинки во низа, за Свитолина сега следува потенцијален дуел со светската тенисерка број 2, Арина Сабаленка, која во вечерната сесија игра со Американката Слоун Стивенс.

Scroll to Top