Светскиот рекет број 2, Карлос Алкараз без мака се пласираше во полуфиналето на Квинс Клаб во Лондон, елитниот подготвителен турнир за Вимблдон, победувајќи го бугарскиот ветеран Григор Димитров со 6:4/6:4.
По еден час и 34 минути игра, Алкараз направи четири брејка, но и двапати дозволи Димитров да врати брејк, за да осигура дуел со Американецот Себастијан Корда, кој со 6:4/7:6 беше подобар од домашниот фаворит, Камерон Нори. Во второто полуфинале ќе играат Данецот Холгер Руне и Австралиецот Алекс де Минаур – Руне со 6:4/7:5 беше подобар од Италијанецот Лоренцо Мусети, додека Де Минаур во три сета со 6:4/4:6/6:4 го победи Французинот Адријан Манарино.
Во Берлин пак, третиот носител, Русинот Данил Медведев загуби со 7:5/7:6(3) од Роберто Баутиста Агут, кој во полуфиналето ќе игра со уште еден Русин, Андреј Рубљов, кој со 3:6/6:3/6:4 беше подобар од Талон Грикспор. Во второто полуфинале играат Александер Зверев по 7:5/6:3 победата над Чилеанецот Никола Џари и Казахстанецот Александер Бублик, откако Јаник Синер се повлече поради повреда при 7:5/2:0 негатива.