Top Sport

Берлускони пред 16 години предвидел сѐ: Англија ќе ја има најсилната лига, а арапските пари ќе владеат со фудбалот

Поранешниот италијански премиер и легендарен сопственик на Милан, Силвио Берлускони, кој почина пред две недели, пред 16 години видел во кој правец се движи светскиот фудбал. Ова може да се види во извадок од неговото интервју од 2007 годинa.

Во разговор за „Ла7“, Берлускони уште тогаш прогнозирал дека италијанскиот фудбал ќе заостане зад Премиерлигата, а го предвидел и тоа на што сме сведоци денес, дека големите пари ќе доаѓаат од Саудиска Арабија.

„Ја гледам Серија А како сѐ посиромашна и посиромашна. Сега сме на врвот, но за 15 години ќе бидеме само еден мал супермаркет за играчи. Англиската Премиерлига ќе биде број 1 и сите останати ќе бидат зад нив. Немаме средства да се бориме со нив. Тогаш Арапите ќе влезат во фудбалот и веќе никому нема да бидеме привлечни. Немаме инфраструктура и нови стадиони. Заостанавме 30 години. Дали знаевте дека Арапите градат цели градови во пустина? Дефинитивно ќе влезат во фудбалот бидејќи тоа е најголемиот бизнис кој ти дава публицитет. Што нудиме ние?

Ако владата не даде поддршка, ние ќе бидеме трет ешалом. Во Англија, малите деца се охрабруваат да играат фудбал, а владата обезбедува средства за фудбалските академии. Тоа го прават и во Германија. Во Италија стоиме во место. Кога зборувам за овие работи, луѓето мислат дека сум луд. Гледам во иднината и искрен сум со сите вас. И иднината на италијанското првенство е многу мрачна“, изјавил тогаш Берлускони.

 

Scroll to Top