Top Sport

Роналдо: Заминувањето на Нејмар слично како моето

Бразилската фудбалска легенда Роналдо во интервју за бразилскиот магазин „Вежа“ откри дека заминувањето на Нејмар од Барселона за Пари Сен-Жермен го потсетило на неговото заминување од каталонскиот тим.

Роналдо пристигна во Барселона од ПСВ Ајндховен, неговиот прв европски клуб за тогаш рекордни 19.5 милиони долари, но одигра само една сезона во каталонскиот тим, постигнувајќи 47 гола во 49 натпревари, предводејќи ја Барселона до титула во Купот на победници на купови и од Кралскиот куп. Тој исто така беше најдобар стрелец во Шпанија со 34 гола во 34 натпревари. До сезоната 2008/09 тој беше последниот играч кој постигнал повеќе од 30 гола.

Роналдо блескаше во Барселона, а голот против Копостела на 11 октомври 1996 година, го предизвика шпанскиот весник „АС“ на насловната да напише: „Се врати Пеле“. Тогашниот менаџер на Барса, Боби Робсон не можеше да верува што видел. На крајот на 1996, на само 20 години, Роналдо стана најмладиот фудбалер со наградата за играч на годината.

Меѓутоа, тогаш следуваа проблемите околу договорот. Барселона веруваше дека има склучен договор до 2006 година, а претседателот на клубот Јосеп Луис Нуњез изјави: „Тој е наш цел живот“. Преговорите пропаднаа, и Интер повторно го сруши рекордот, носејќи го Роналдо во Италија за 27 милиони долари.

„Јас не жалам за ништо, а заминувањето на Нејмар наликуваше на моето. Не ги имам деталите, не знам што се случувало во преговорите, но најверојатно имало проблеми со бордот на Барселона, како во мојот случај“, вели Роналдо.

Бразилецот се врати во Шпанија во 2002 година, но како играч на Реал Мадрид, каде што имаше фантастична кариера во 127 натпревари во кои постигна 83 голови и освои две шпанси титули, иако никогаш не си замина со трофеј од Лигата на шампионите.

По пензионирањето, Роналдо е отсутен од фудбалските терени и ветува дека никогаш нема да стане тренер.

„Целосно ја исклучувам таа можност. Не можам да замислам 25 фудбалери да ми пречат секој ден и да прават сè да ме измамат“, вели со насмевка, Роналдо.

Тој има и совет за младите фудбалери – да внимаваат со парите и да ги најдат најдобрите професионалци да имаат добра кариера.

„Потрошете многу пари на адвокати и професионалци. Кога ќе се случи нешто, тогаш имате двоен проблем – покрај финансиите, вашиот имиџ е уништен и тешко е да се продолжи. Јас ги читав сите свои договори бидејќи морав да знам сè што се случува околу мојата кариера“, вели Роналдо.

Scroll to Top