Фудбалскиот клуб Севилја и покрај успешната сезона, во која ја освои Лига Европа и се избори за место во Лигата на шампионите минува низ тежок финансиски период. Кризата е тоолку голема што Севилја ќе мора да продаде неколку стални членови на првиот тим за да го санира долгот од 90 милиони евра.
Финансиската криза во која се наоѓа Севилја, го принуди клубот на продажба да ги стави најдобрите играчи. Минатата недела шпанските медиуми шпекулираа дека веројатно клубот ќе го напуштат Аргентинците, десниот бек Гонзало Монтиел и крилото Лукас Окампос.
Истите тие извори сега тврдат дека први клубот ќе го напуштат Мароканците, голманот Јасин Бону и напаѓачот Јусеф Ен Несири.
Од нивните трансфери клубот планира да заработи најмалку 60 милиони евра.
Херојот на Мундијалот во Катар, голманот Бону има понуда од Саудиска Арабија, но и од Баерн Минхен кој би сакал да го види како резервна опција за Мануел Нојер.
Севилја за неговите услуги бара 20 милиони евра. Бону во изминатите четири сезони настапи на 140 натпревари има постигнато и еден гол.
Јусеф Ен Несири, со своите игри, исто така, привлече големо внимание. Како потенцијална дестинација се споменува Јувентус. За овој 26. годишниот фудбалер клубот бара 40 милиони евра.
Ен Несири во изминатите три и пол години одигра 155 натпревари за Севилја и постигна 53 гола.