Шкендија стигна до минимална победа од 1:0 против велшкиот тим Хаверфордвест во првиот дуел од воведното коло од квалификациите за Конференциската лига. Тренерот Ардијан Нухиу вели дека е задоволен од триумфот, иако можеби се очекуваше и поубедлив резултат за Шкендија на мечот во Скопје.
„Имавме противник кој беше многу дисциплиниран, ни остави многу малку простор за игра и беше определен да го чува сопствениот гол. Создадовме доволно шанси, можеби недостигаше малку повеќе среќа за да постигневме уште некој гол, но задоволен сум од играта на тимот. Сепак е ова прв натпревар во новата сезона. Момците покажаа карактер, а посебно ми се допадна како се справуваме со ситуациите кога противникот ќе тргне во противнапад. Сега знаеме многу повеќе за противникот, ќе ги анализираме повторно и одиме во Велс да победиме и на реваншот“, изјави Ардијан Нухиу.
Реваншот меѓу Хаверфордвест и Шкендија ќе се одигра следниот четврток во Велс.