Напаѓачот на Баерн Минхен, Садио Мане, се согласил да се пресели во Ал-Наср, пренесува „Л’Екип“. Влијателниот француски весник објави дека Мане постигнал договор за личните услови со Ал-Наср каде ќе биде соиграч со Кристијано Роналдо.
Останува двата клуба да се договорат за обештетувањето и се верува дека Баерн Минхен за овој трансфер ќе бара околу 20 милиони евра бидејќи договорот на Мане со германскиот клуб е до 2025 година.
Сенегалецот така ќе им се придружи на Роналдо, Марсело Брозовиќ, Андерсон Талиска и Секо Фофана. Ќе биде тоа навистина респектабилен состав кога е во прашање офанзивниот дел од теренот.
По заминувањето од Ливерпул во Баерн, Мане имаше сезона за заборав, иако постигна 12 гола и забележа шест асистенции. Го мачеа повредите, но и неговото однесување не беше на ниво пред крајот на сезоната кога се степа со Лирој Сане.