Ред бул рејсинг стигнаа и до 11. победа во 11 трки оваа сезона, откако Макс Ферстапен беше супериорен на Унгарското ГП на патеката Хунгароринг, во трка во која имаше проблем само на почетокот, кога го помина освојувачот на пол-позицијата, стариот ривал, Луис Хамитон во Мерцедес.
За Ред бул ова беше 12. победа во низа, ако се смета и триумфот од последната трка во Абу Даби минатата сезона, со што го подобрија рекордот на легендарниот болид на Мекларен на Алан Прост и Аиртон Сена, кој во сезоната 1988 победи на 11 трки во низа.
Ферстапен има седум победи во низа и девет оваа сезона, стигнувајќи со повеќе од половина минута предност пред фантастичниот Лендо Норис во Мекларен, додека Серхио Перез во вториот Ред бул успеа од 9. место да заврши на подиумот пред Хамилтон. Во поени беа и Оскар Пјастри во вториот Мекларен, Џорџ Расел (Мерцедес), двајцата возачи на Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинс и ддвајцата возачи на Астон Мартин, Фернандо Алонсо и Ленс Строл.
Хамилтон, кој вчера го победи Ферстапен во квалификациите за 0.003 секунди, имаше лош старт, дозволувајќи Ферстапен лесно да го помине, а потоа и двајцата возачи на Мекларен, Пјастри и Норис. Зад нив, Гуанју Жу во Алфа Ромео, кој беше петти имаше катастрофален старт, предизвикувајќи судир на двајцата возачи на Алпин, кои ја завршија трката во вториот круг. По ова, на Ферстапен ништо не му пречеше да стигне до 44. победа во кариерата.
Мекларен, втора трка во низа, се покажа како најсериозен кандидат за втор најбрз тим, со второто место на Норис, додека Ферари пак имаа разочарувачка трка со контроверзни тактички одлуки на штета на Карлос Саинс и казна од 5 поени за Леклер поради пребрзо возење во бокс.