Top Sport

Миротиќ пред потпис со Олимпија Милано

Никола Миротиќ ова лето предизвика голема бура, дури и повеќе од очекуваното, откако се дозна дека нема да ја продолжи соработката со Барселона, односно дека договорот ќе биде раскинат. Веднаш потоа се поврзуваше со Олимпија Милано, но во еден момент се чинеше дека италијанскиот гигант се откажа од крилниот центар, откако во трката се вклучија Панатинаикос, Олимпијакос, Монако, Партизан и Црвена Звезда.

Во еден момент беше речиси сигурно дека тој ќе го облече дресот на Партизан со кој постигна начелен договор. Но, по официјалното раскинување на соработката со Барселона, Миротиќ наеднаш се предомисли, наводно поради закани по живот упатени кон него.

Веднаш по раскинувањето на соработката со каталонскиот клуб, во трката за негов потег се вратија Панатинаикос, Монако и Олимпија, со многу богати понуди. Сепак, ПАО изгледа повторно се повлече, а Миротиќ најверојатно нема желба да му се приклучи на Кемба Вокер во Монако, па се чини дека повторно е најблиску до Олимпија Милано. Наредните денови се очекува да стави потпис на договорот.

 

Scroll to Top