Бразилскиот фудбалер Оскар во 2017 година го напушти Челси и замина во Кина. За нов клуб го избра кинескиот Шангај СИПГ бидејќи му понуди огромен договор од 20 милиони евра по сезона.
Тогаш призна дека се откажал од репрезентацијата и од голема кариера за да се обезбеди за староста.
„Кина има финансиска моќ и играчите не можат да одбијат таква понуда. Секој работник ќе прифати подобра финансиска понуда за доброто на своето семејство“, изјави тогаш Оскар.
„Доаѓам од сиромашно семејство кое никогаш немало ништо. Ова се плодовите на мојата напорна работа и поради овој договор се чувствувам како победник. Не ми е грижа за критиките. Размислував за моето семејство и иднината. Не сакам да бидам сиромашен на старост и да живеам од спомени“, искрен беше Оскар.
Сега Оскар е решен да се врати во Европа и би можел да го облече дресот на Бешикташ. За конечен трансфер турскиот клуб ќе треба да се договори и со Шангај СИПГ, со оглед дека Оскар има договор до ноември 2024.