Менаџерот на Челзи, Маурисио Покетино, потврди дека клубот од „Стемфорд Бриџ“ ќе донесе уште нови играчи до крајот на преодниот рок, но исто така рече дека не е сигурен колку засилувања му требаат за да биде задоволен.
Под водство на Покетино, Челзи ја освои првата „Летна серија“ – претсезонски турнир организиран од Премиер лигата. На тој турнир „сините“ ги победија Брајтон и Фулам и ремизираа со Њукасл.
Клубот од западен Лондон летово го напушти двоцифрен број на играчи, а менаџерот на „сините“ се уште размислува како дополнително да го подобри составот.
Челзи го договори трансферот на младиот играч од средниот ред на Рен, Лесли Угочукву, додека неодамна беше откриено дека е постигнат договор со Монако околу потписот на дефанзивецот Алекс Дисаси.
„Очигледно ни е потребна помош во одбраната, како и искуство во средниот ред. Угочукву веднаш ќе биде испратен на позајмица“, изјави Покетино и додаде:
„Не сум сигурен колку нови играчи ни се потребни, би било проблематично сега да го откривам тоа“.
Следниот натпревар Челзи го игра ноќта меѓу вторник и среда кога во Чикаго против Борусија Дортмунд. Првиот официјален натпревар во новата сезона „сините“ ќе го одиграат на 13. август, кога во првото коло од Премиер лигата ќе го пречекаат Ливерпул.