Top Sport

Арслан: Шкупи не дојде во Софија на екскурзија

Тренерот на Шкупи, Џихат Арслан, одржа прес-конференција на ден пред реваншот со Левски во второто квалификациско коло за Конференциската лига. Натпреварот се игра утревечер, со почеток во 19 часот, а тренерот изјави дека Шкупи не е во Софија на екскурзија.

„Малку доцниме, но мило ми е што сме тука. Не е лесно да се игра по првиот натпревар што го загубивме со 0:2 на домашен терен. Не дојдовме овде на екскурзија, ќе дадеме сѐ од себе да се претставиме добро. Доаѓаме со идеи. Сум видел многу во фудбалот, сум играл, овој резултат не ни е пријатен, но ќе направиме сѐ да го надминеме и да го заштитиме името на Шкупи и на Македонија“, изјави тренерот на Шкупи.

„Дојдовме пред две недели и гледавме натпревар во живо, знаеме каква е атмосферата. Сме играле и во други земји. Ќе биде убаво да се игра пред оваа публика“, дополни Арслан.

На првиот меч имаше инциденти, а Шкупи ќе биде без поддршка од своите навивачи на реваншот.

„Разбираме дека се случија многу лоши работи, тоа не е добро. Не сакаме такви работи да се случуваат во фудбалот. Мислам дека ова е одлука која е правилна за да не се случуваат такви работи. Сакавме да бидат тука и нашите навивачи, но тоа не може да се случи“, изјави Џихат Арслан во врска со отсуството на навивачите на Шкупи.

 

Scroll to Top