Top Sport

Јончевски: Се надевам дека ќе бидеме комплетни во квалификациите за ЕП 2025

Кошаркарската репрезентација на Македонија се најде во група со Литванија, Полска и со Естонија. Тоа е исходот на денешната ждрепка во Минхен со која беа одредени осумте натпреварувачки групи преку кои ќе се стигне до 24 најдобри селекции, кои ќе бидат учесници на наредниот Евробаскет во 2025 година.

Селекторот Александар Јончевски го коментира составот на групата.

„Реално не бевме многу оптоварени со ждрепката и кои репрезентации ќе ни бидат противници. Откако ги видовме групите, јасно ни беше дека ќе бидеме со три подоброрангирани репрезентации и дека шансите ќе ги бараме против следната подобро рангирана, во овој случај Естонија. Системот каде една репрезентација е веќе домаќин, и го има обезбедено учеството во завршниот дел е тотално непопуларен. Таква беше ситуацијата и во претходните квалификаци, па ни е добро позната. И верувам дека тоа овој пат ќе го искористиме во наша полза“, вели Јончевски.

Противниците се релативно познати.

„Естонија ни е должник од тогаш, а секако ќе ги измериме силите и на претстојниот турнир во Талин каде што ќе бидат домаќини. Литванија е секако главен фаворит, а и Полска која беше четвртопласирана на последното Европско првенство, и згора на тоа имаат и одлична генерација. Единствено на кое се надеваме е да се појавиме во комплетен состав на сите ФИБА ‘прозорци’ кои претстојат низ квалификациите, каде секој натпревар би бил одлучувачки“, дополни селекторот на националниот кошаркарски тим.

Scroll to Top