Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Гери Невил изјави дека на Ливерпул му е потребна реконструкција за да постигне врвни резултати.
Ливерпул минатата сезона заврши на петтото место во Премиер лигата и ќе игра во Лига Европа. Клубот од „Енфилд“ ги ангажираше Алексис Мекалистер и Доминик Собослај во текот на летниот преоден рок.
Невил верува дека сопствениците на Ливерпул го оставиле менаџерот Јирген Клоп сам да ја „менаџира“ ситуацијата.
„Клоп ги штити сопствениците на клубот, бидејќи мислам дека со буџетот што го има тој ја врши најдобрата работа од кој било друг во последните седум-осум години. Сепак, тој не може така да продолжи“, рече Невил во своето шоу „Overlap“.
Тој тврди дека фудбалскиот пазар ги шокирал сопствениците на Ливерпул.
-„Челзи потроши многу, Арсенал и Манчестер јунајтед исто така… Манчестер сити е Манчестер сити. Мислам дека сопствениците се однесуваат како да немаат пари да се натпреваруваат. Џуд Белингам чинеше 100 милиони фунти, исто така и Деклан Рајс, Енцо Фернандез… Но во Ливерпул се уште се на тие 50-60 милиони фунти и така се чувствуваат удобно“.
Невил смета дека на Ливерпул му требаат вистински засилувања.
„Треба да одат во Брајтон и да дадат 100 милиони за Мојсес Каисед, а се обидуваат да донесат некој (Ромео Лавија) од Саутемптон за 40 милиони. Тој е добар играч, но…“.
На крајот поранешниот капитен на Манчестер јунајтед рече дека за таквиот пристап Ливерпул еден ден скапо ќе го плати.
„Мислам дека сè ќе им се врати на сопствениците. Тие не инвестираат во тимот на ниво како што прават преостанатите четири или пет екипи. Со таков пристап не можат да го предизвикаат Манчестер сити“.