Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти смета дека фудбалерот од средниот ред, Џуд Белингем е причината поради која на неговиот тим не му е потребна директна замена за Карим Бензема, уште еднаш со само пофални зборови за младиот Англичанец.
Белингем постигна три гола во првите два меча за Реал Мадрид по трансферот од Борусија Дортмунд, а „кралевите“ решија да не бараат нов напаѓач ова лето и покрај тоа што првата ѕвезда Карим Бензема замина во Ал-Итихад во Саудиска Арабија. Без вистинска „деветка“, Анчелоти ја смени формацијата и го поставува Белингем како број 10 зад двајца напаѓачи.
„Сметаме дека со пристигнувањето на Белингем се покрива отуството на Карим. Тој е сериозно, зрело момче со неверојатен квалитет. Тоа што го прави на почетокот на сезоната не не изненадува, бидејќи знааевме каков фудбалер носиме, иако понекогаш е зачудувачки да се потсетиш дека има само 20 години“, вели Анчелоти.
И самиот Белингем, по очигледно не толку пријателската разделба со Дортмунд, е среќен во Реал, оценувајќи дека е „десет пати подобар“ играч во тимот на Анчелоти.