Top Sport

Интер го потврдија Павар и „тргнаа“ по Ндомбеле

Интер е активен во финишот на преодниот рок, откако вечерва го потврдија трансферот на Бенжамин Павар од Баерн Минхен и во исто време почнаа преговори со Тотенхем за позајмица на „отпадникот“ Танги Ндомбеле.

„Нераѕурите“ платија 30 милиони евра плус 2 милиони бонус на Баерн за трансферот на дефанзивецот Павар, откако Манчестер јунајтед претходно се откажаа од можноста да го ангажираат Французинот. Павар помина четири години на „Алијанц арената“, а сега потпишува петгодишен договор со тимот на Симоне Инзаги.

Следна цел пред петочниот крај на преодниот рок е 26-годишниот Ндомбеле, кој не е во плановите на менаџерот на Тотенхем, Ејнџ Постекоглу, откако лани ја помина сезоната на позајмица во Наполи и добро е запознаен со италијанскиот фудбал. Според „Тутомеркато“, Интер сакаат да имаат опција за замена за Стефано Сенси, а Ндомбеле би пристигнал на позајмица. Тотенхем платија огромни 62 милиони евра за трансфер од Лион во 2019 година.

Scroll to Top